Атмосфера во Скопје на информативната сесија за формирање Совет за зелена градба

Атмосфера во Скопје на информативната сесија за формирање Совет за зелена градба

Да ја резимираме атмосферата во Скопје на информативната седница за формирање Совет за зелена градба.

На 23 Мај 2024 во Комората на овластени архитекти и овластени инженери се одржа првиот информативниот настан за основање на Совет за зелена градба на Република С. Македонија, како дел од мрежата на национални Совети за зелена градба во регионот на Западен Балкан.
На настанот имаше повеќе од 60 присутни од градежната индустрија, подготвени да воведат промени на пазарот кон практиките за зелено градење.
Настанот го отвори претседателката на Комората, м-р Кристинка Чулак, а свои обраќања имаа регионалната менаџерка на RECONOMY програмата г-ѓа Емилија Јованова, д-р Ристо Иванов како проектен менаџер и Игор Панчевски, од тимот на ЦеПроСАРД, истакнувајќи дека градежниот сектор е еден од главните сектори кој мора да воведе промени: дигитализација, нови зелени практики и намалување на потрошувачката на енергија.
Блажен Зотовски од КНАУФ и Веселинка Герасимовска Петровска одговорен архитект во ИСТ ГАТЕ ЛИВИНГ, ја презентираа иницијативата за основање на Совет за зелена градба во Република С. Македонија.
За начините на основање национален Совет за зелена градба, придобивките кој тој ги носи за општеството и самиот градежен сектор презентираше Деан Смолар, извршен директор на Совет за зелена градба Хрватска. Тој потенцираше дека ќе продолжи да ги поддржува сите Совети за зелена градба во регионот, вклучувајќи го и македонскиот, во рамките на времетраењето на проектот.

RECONOMY е инклузивна и зелена регионална програма за економски развој на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида), имплементирана од HELVETAS Swiss Intercooperation во партнерство со Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД и други во Источното партнерство и земјите од Западен Балкан.

СИТЕ НОВОСТИ