23 Мар ЗГ ЦеПроСАРД во соработка со општина Бутел, за поддршка на социјалното претприемништво за одржлив зелен развој
На 23.03.2022 претставници од општина Бутел, одржаа работен состанок со проектниот тим на проектот Поддршка на социјалните претпријатија преку следење на принципот- “Не оставај никој зад себе”, имплементиран од Здружението на граѓани – Центар за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој – ЦеПроСАРД. Состанокот се одржа во просториите на општина Бутел.
На состанокот претставниците на ЗГ ЦеПроСАРД ги презентираа досегашните имплементирани активности на здружението и активностите на тековниот проект Поддршка на социјалните претпријатија преку следење на принципот- “Не оставај никој зад себе”. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Поддршката на граѓанскиот или бизнис секторот во општина Бутел преку тековниот проект претставува можност за зелен социо-економски развој на општината. Проектот треба да допринесе за соработка помеѓу институциите, општините, социјалните претпријатија и граѓанскиот сектор, во развој на зелен економски раст, заштита на животната средина и подобрување на социјалните сервиси на територијата на нашата земја.
Г-ѓа Светлана Петровска, извршен директор на ЗГ ЦеПроСАРД изрази благодарност до претставниците на општината, за искажаната поддршката за успешна реализација на проектот и желбата за активна соработка во вклучувањето на бизнис секторот и граѓанскиот сектор кои работат на територијата на општина Бутел.
На состанокот се разговараше за можностите за идна соработка на општината, при што претставниците на ЗГ ЦеПроСАРД го истакнаа развојот и соработката на полето на заедничка имплементација на проекти што се финансираат од ИПА фондовите. Особен акцент беше ставен на соработката во делот на подобрувањето на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливите извори на енергија, заштитата на животната средина и поддршка на социјални претпријатија преку изработка на општо корисни проекти и обезбедување на развој и одржливост на социјалните бизниси.