28 Дек Отворен нов групен дом за живеење со поддршка во Градско – комплетирана бројката од 50 преселени корисници во рамки на проектот Заедно за повеќе можности и поддршка – ТИМОР
Во текот на вчерашниот ден, 28 декември 2022 година во Градско се преселија уште 5 лица со интелектуална попреченост од Специјалниот Завод Демир Капија кои новата година ќе ја дочекаат во топол дом и од институционална нега преминуваат во користење на услугата живеење со поддршка во заедницата.
Со отворањето на овој мал групен дом, ја комплетираме бројката од 50 предвидени корисници на Специјалниот Завод да бидат преселени во текот на имплементација на проектните активности во нов дом во рамки на процесот на #деинституционализација.
Во домот ги пречекаа негователите и стручниот кадар на Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, како и градоначалникот на општина Градско кој им посака топло добредојде. Во новиот дом корисниците ги пречекаа новогодишни пакетчиња, празнична атмосфера и расположение за нивна полесна адаптација во новата средина.
Во текот на имплементација на проектот ТИМОР исто така финансиски се поддржани и вработени над 30 лица – асистенти за поддржано живеење и стручен кадар како координатори, физиотерапевти, лица за стручна поддршка и слично.
Проектот е финансиран од IPA II 2017 акциската програма од фондот за ЕУ поддршката за образование, вработување и социјална политика, во времетраење од 36 месеци.
Проектот е имплементиран во конзорциум со:
– Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија;
– Општина Демир Капија;
– Специјалниот Завод Демир Капија и
– Фондацијата Лоза од Шведска