Одржана обука за давање на рехабилитациски услуги преку хортикултурна терапија во рамките на проектот ТИМОР

Одржана обука за давање на рехабилитациски услуги преку хортикултурна терапија во рамките на проектот ТИМОР

Во рамките на проектот „Заедно за повеќе можности и поддршка – ТИМОР“, изминатата недела, на 11.08.2022 година во Демир Капија се одржа обука за лица кои ќе даваат услуги за рехабилитација преку хортикултурна терапија, како дел од активноста – Обезбедување на иновативни социјални услуги во заедницата.

На самиот почеток на обуката, г-ца Маја Велковска- координатор од страната на ССЕР го претстави проектот и реализираните активности. Обуката ја одржаа професор Д-р Зоран Димов од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и г-дин Стојан Андонов, окупационен терапевт.

Обуката имаше за цел да ги надгради знаењата на стручните лица и асистенти за поддржано живеење во заедницата, преку презентации и работа во групи. Присутните се стекнаа со вештини за иновативна примена на окупациона терапија преку употреба на лековити блики и растенија. Обуката за примена на хортикултурна терапија се одржа согласно изработениот Водич за градење вештини за имплементација на услуги за обезбедување на рехабилитација изработен од страна на ангажираните консултанти.

Примената на стекнатото знаење околу општите податоци за лековитите растенија и блики (лаванда, невен, итн.) ќе придонесе кон создавање на поддршка во секојдневната активна рехабилитација и позитивен импакт врз благосостојбата на лицата со попреченост преселени во станбените единици за поддржано живеење при проектот ТИМОР и пошироко.

На работилницата учествуваа 25 стручни лица кои по завршената обука добија сертификат за учество.

Преку имплементирање на активноста, проектот ТИМОР воведува иновативни социјални услуги и придонесува кон значително подобрување на условите за живеење на лицата со попреченост во станбените единции за поддржано живеење во заедницата. Исто така оваа обука придонесува за зајакнување на капацитетите на стручните лица кои нудат социјална грижа и нега во заедницата.

Проектот е финансиран од IPA II 2017 акциската програма од фондот за ЕУ поддршката за образование, вработување и социјална политика, во времетраење од 36 месеци.

Проектот е имплементиран во конзорциум со:

  • Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори на Република Северна Македонија;
  • Општина Демир Капија;
  • Специјалниот Завод Демир Капија и
  • Фондацијата Лоза од Шведска

 

СИТЕ НОВОСТИ