
23 Јан Промоција на книгата „Хронологија на развојот на стандардизацијата, на регулативата за енергетска ефикасност, на едукацијата и на медиумската популаризација“
На 23 јануари 2025 година, претставници на ЦеПроСАРД учествуваа на свечена промоција на најновата книга на д-р Петар Николовски, дипл. инж. арх., насловена „Хронологија на развојот на стандардизацијата, на регулативата за енергетска ефикасност, на едукацијата и на медиумската популаризација“, во просториите на Комората на овластени архитекти и инженери, Настанот привлече голем број архитекти, инженери, професори, студенти и други професионалци од областа на енергетската ефикасност и градежништвото.
Книгата што беше промовирана опфаќа период од осамостојувањето на Македонија во 1992 година до денес и е структурирана во 11 поглавја на 450 страници. Во неа се претставени автентични документи, кореспонденција, фотографии и графички прилози од богатата архива на авторот. Преку ова дело, д-р Николовски не само што ги документира значајните чекори во развојот на енергетската ефикасност и стандардизацијата, туку и ја посветува својата работа на бројни домашни и меѓународни колеги, меѓу кои и ЦеПроСАРД, со кои соработувал повеќе од три децении.
Настанот беше одлична можност за присутните да се запознаат со богатата историја и придонес на д-р Николовски и неговата соработка со ЦеПроСАРД како една од организациите основоположници на енергетската ефикасност, како и со важноста на нивната работа за идниот развој на енергетската ефикасност и градежната регулатива.
Тимот на ЗГ ЦеПроСАРД искрено и срдечно му се заблагодарува на д-р Петар Николовски за објективното и транспарентно презентирање на развојот на регулативата за енергетска ефикасност, за придонесот во едукацијата и медиумската популаризација, како и за целокупниот ангажман и посветеност на ЗГ ЦеПроСАРД.